Sunday, April 28, 2013

Ана Лазаревска


Ана Лазаревска родена во Скопје каде што го завршува факултетот за ликовни уметности, оттсек графика. Во текот на студиите станува дел од ЦЕЕПУС програмата за размена на студенти при што студира краток период на академијата за ликовни уметности во Загреб. Во уметницката пракса, главниот акцент во нејзиното творештво е инсталацијата која претежно е сублимација на повеќе дела, игра со светло и простор. Големи интереси наоѓа и во фотографијата и дизајнот. Своите дела ги изложувала на повеке групни изложби како во земјава така и во странство.










Friday, April 26, 2013

Игор Станоевски


Станоевски Игор  е роден на 02.07.1986 во Скопје, Македонија, каде што живее и работи како независен уметники  и музичар.
Средно образование завршува во 2005 година, во Д.С.У.П.У„Лазар Личеноски“ со уметничка струка, техничар за применето вајарство. Во текот на своето школување има учествувано на групните завршни изложби во Музеј на град Скопје, организирани од самото училиште.
Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ Скопје, катедра по вајарство, со насока сценографија, во класата на доц. м-р Жарко Башески, во 2013 година. Во текот на студирањето има учествувано на сите завршни групни студентски изложби организирани од самиот факултет во Чифте Амам, Скопје, Сули-Ан, Скопје, како и во просториите на ФЛУ-Скопје и ликовни работилници.
Игор својата кариера како музичар ја започнува на возраст од 16 години, кога на националниот натпревар е избран за најдобар гитарист, и станува заштитно лице за Yamaha за 2003
Некои од неговите поважни настапи низ годините се настапот со Gregg Wright, гитаристот на Michael Jackson, и настапот со Shakura  Saida Band на Blues and Soul фестивалот во Скопје.
Во 2012, учествува на хуманитарниот концерт во Кавадарци, Т’k Так фестивалот во чест на прерано починатата македонска рок-ѕвезда Трајко Каров.
Една од најдобрите препораки кои ги добил е  од Bruce Iglauer, продуцент и сопственик на водечката светска дискографска блуз фирма “Alligator Records” од Чикаго кој за него пишува: “Тој е импресивен гитарист кој лесно може да се спореди со сите американски гитаристи од помладата генерација и јас му предвидувам убава иднина”.


 












Thursday, April 25, 2013

Емилија и Наталија



Емилија Славковска се раѓа на 03.12.1992 година во Скопје, додека нејзината постара сестра, Наталија, има три ипол години. Иако на почетокот и е тешко да воспостави одличен однос со сестра и, таа секогаш има голема љубов кон неа. Наталија постојано големо влијание на животот на Емилија Славковска. Наталија е таа која и дава инспирација да се занимава со пеење, свирење на гитара и пијано.
Наталија, со својата прва книга “прва љубов на розевата улица” ја поттикнува Емилија да пишува поезија и раскази. Наталија отсекогаш ја поддржувала Емилија. Наталија ја носи Емилија надвор на пиење кога Емилија е во депресија.
Емилија исто така се занимава со театар во Отворена Сцена Театар Чекори, каде што Наталија редовно ги следи нејзините настапи. Емилија се сеќава после една претстава кога доби порака од Наталија која кажува “Искрено до сега мислев дека немаш талент и си губиш драгоцено време. Се извинувам, сум била во голема заблуда. Честитки ” и тоа ја мотивира Емилија уште повеќе да се посвети на театарот.
Како заклучок, Емилија има 20 години веќе и Наталија ќе ја носи во Лазарополе. Наталија е врховна божица на алкохолот, добриот провод и Емилија е горда што и е сестра.



Наталија Славковска се раѓа на 06.06.1989 година. Како постара сестра, животот и предава тешка лекција: мора да се научи на трпение, воздржаност и одговорност. Наталија не е добар ученик, и не успева да ја научи лекцијата.
Освен што мрази да пишува за себе во трето лице, Наталија исто така мрази да биде поставена за добар пример за другите, па така нејзината помала сестра, Емилија, го следи нејзиниот боемски стил на живот.
Во тој живот, успеала да издаде една книга, “Прва љубов во розевата улица”, која наскоро ќе го доживее и своето четврто издание, и е прогласена за лектира за седмо одделение, по избор на професорите во повеќето училишта во Скопје. И после толку години, сеуште не е сигурна што да одговори кога ја прашуваат што ја инпирирало да ја напише својата книга.
Сака да пие кафе и пиво, да јаде во мек доналдс и да пишува, моментално ги привршува своите магистерски студии по рурален туризам, и одбива да наполни повеќе од 23 години, бар додека не открие која и е омилена боја, и што сака да биде кога ќе порасне.
Доказ за влијанието од нејзината сестра Емилија, е тоа што Емилија сакаше да направат заеднично CV. Наталија не сакаше. CV то сепак е заедничко.




Емилија:

Процеп

Процеп низ твоите очи ќе беше доволен
Мала пукнатина
за да живееме среќни

(луѓето кои седат во смрдливи автобуси
се сомневам дека размислуваат за паралелни светови)

минатото не е за запоставување
минатото е за држење
имам доволно спомени за да ме држат две години

ги споредувам со маица
која мириса на тебе.
ја мирисам и спијам со неа и во неа
се додека еден ден
забележам дека веќе го изгубила мирисот

ги споредувам со
писмо
кое го препрочитувам неколку пати на ден
се додека не избледе пишаното
го читам, поминувам со прстите каде некогаш имало букви
ги мрморам зборовите научени
наизуст
зборовите научени наизуст..
погрешно, се разбира.

Минатото не е за заборавање, за држење е
Имам резерва добри спомени

Моменти поради кои сум живеела и живеам
Во овој раскалашен мрак, тмурни и роботски ликови
Овде каде
Најчистите се
со најголема тага во очите

И ти би сакал
Да заборавиш се.



                                                                

                                                                        Наталија:

                                                      Во недостиг на инспирација...

Инспирацијата исчезна со првото стресување на колената.
Испари една вечер, додека стуткана се греев во едни прегратки, во една ладна соба чиј покрив претекуваше.
Ја испив заедно со едно лошо и ефтино вино, после кое следуваше едно болно искрено -те сакам-.
Се скрши некаде, во едно комбе без седишта, со кое се возев два саати за да стигнам до Него.
Ми остана само бел, празен лист.
И милион генијални мисли изгравирани во мозокот, кои се плашат да бидат напишани, па ги туткам и кријам ко писмена по математика на која сум добила кец.
Викаат, не постои засекогаш.
Ако.
Не ми ни треба.
Јас си ги имам вчера, и денес.
На кого му е гајле за утре?






Wednesday, April 24, 2013

Доротеј Нешовски


Нешовски Доротеј е роден на 12.10.1989 во Скопје, Македонија, каде што живее и работи како независен уметник.
Средно образование завршува во 2008 година, во Д.С.У.П.У„Лазар Личеноски“ со уметничка струка, техничар за применето вајарство. Во текот на своето школување има учествувано на групните завршни изложби во Музеј на град Скопје, организирани од самото училиште.
Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ Скопје, катедра по вајарство, со насока сценографија, во класата на доц. м-р Гоце Наневски, во 2012 година. Во текот на студирањето има учествувано на сите завршни групни студентски изложби организирани од самиот факултет во Чифте Амам, Скопје, Сули-Ан, Скопје, како и во просториите на ФЛУ-Скопје и ликовни работилници.
Како еден од основачите на уметничката група „ЅЕЕ“ во 2012 година, тoj е активен член и учесник во сите проекти.


Селектирани групни изложби и проекти :

2013 
- Проект УМ/А-1, Уметничка група „ЅЕЕ“, с.Лазарополе, Маврово-Ростуше, Македонија 

2012 
- Фрик фестивал, Урбано мапирање-засолништа, 2’12”, Скопје, Македонија
- Бела Ноќ, Идентитети, уличен колоборативен перформанс, под водство на Ана Лазаревска, Скопје, Македонија 
- Изложба на млади ликовни уметници, Локален Музеј–галерија, Кавадарци, Македонија 
- БОШ 4-мултимедијален фестивал, Гевгелија, Македонија 
- Проект 961-2, Уметничка група „ЅЕЕ“, Белиот мост, с.Петрово/с.Миравци, Гевгелија, Македонија

2011
- Промени ги радикалните моменти! Live Art Festival, колоборативен перформанс, менторство на Rob Andrews, Битола, Македонија 
- Ефемерни споменици, Private Public, Работилница и проект куриран од Ивана Сиџимовска, Скопје, Македонија 
- Изложба на студентите на ФЛУ, Национална галерија –Чифте амам, Скопје, Македонија 
- Универзитет без ѕидови, работилница и колоборативен, перформативен, проект на Warren Neidich со студенти од ФЛУ-Скопје, Скопје, Македонија 

2010
- Изложба на цртеж, Галерија при Домот на културата, Кавадарци, Македонија 
















Monday, April 22, 2013

Бранислав Ѓорѓевски


Бранислав Ѓорѓевски е роден во 1986 година во Скопје. Во 2009-та дипломира на студиите по новинарство на Правниот Факултет во Скопје. Година подоцна, неговиот расказ „Нешто како љубов“ влегува во селекција на 10 одбрани раскази на регионалниот конкурс за краток расказ „Збор во просторот“ одржан во СКЦ, Белград. Во 2012 година ја објавува својата прва книга, збирката раскази „Сите тие краеви“. Има учествувано на неколку книжевни конкурси и работилници.

Од него можете повеќе да прочитате тука:





Небото е се што имаме

Исти фрази кажани од различни луѓе не се исти. Исти фрази кажани од различни луѓе различно допираат. Исто како што и погледите не се исти. Ниту насмевките, ниту допирите. Начините преку кои ги примаме зборовите, ги фаќаме погледите, им враќаме на насмевките и ги чувствуваме допирите, несомнено создаваат Љубов.“ неговите зборови лесно се тркалаа под студентото небо, вешто обидувајќи некого да убедат. На крајот, се поставуваше прашањерто дали и тој самиот верува во тоа што го говори, особено ако се земе предвид дека начинот на зборување имаше цел да посочи на она што некој отспротива сака да го чуе.

Не драг мој, љубов не постои. И немој да ги мешаш поимите. Она што ти го објасни, за начините погледите... сите тие начини доведуваат единствено до заљубување, што е дејствие а не е битие. Не драг мој, љубовта не постои. Постои единствено процес на заљубување, кое трае од моментот на спознавање на се она што ти треба содржано во една личност. Потоа преоѓа во навика. Лоша навика. А крајот е оној момент кога решаваш да ја смениш лошата навика. И пак да почнеш одново. И така, цел живот во кругови...некои пократки, некои подолги“ нејзините реченици беа јасни и уверливи. Нејзиниот глас јасно даваше до знаење дека самоуверено стои зад секој искажан збор. Дека се што кажала го искусила и поминала.

Јас никогаш нема да го најдам тоа што го барам. Знам за тоа и не се жалам. И знам дека нашиот круг завршува тука. И не жалам поради тоа. Жалам само што ќе нема победник. Како и да е, квалитетн круг беше тоа. Иако ете најдов замена на замената на замената на нешто што одамна сум го имал. Само бледа одвај видлива копија.“ зборовите му беа повеќе за себе, затоа и беа невообичаено тивки.

Никој не го наоѓа она што го бара, не грижи се, само научи се да живееш со тоа. Биди како мене. Погледни горе и сфати дека после се, небото е се што имаме. Не постои поубаво место каде да ги пратиш зборовите кои не сакаш никој и никаде да ги чуе. А наскоро ќе отвориме нов круг секој посебно, секој со нов противник“ имаше тежина нејзиниот совет, најмногу и тежеше искреноста со која го соопштуваше.

Но јас веќе немам кому да пишувам. Колку и да е големо и добродушно небото, нему не можа да му пишам, ниту да му раскажам. Ниту приказна, ниту исповест“

Драг мој, не ти требаат приказни. Ние бевме приказна, убава приказна. Сепак како и да е, кога и да сакаш да напишеш нешто, погледни кон небото и напиши го. И знај дека секогаш, ама секогаш на другиот крај од небото, со поглед различен на него, ќе стојам јас. Мене, секогаш ќе можеш да ми пишуваш“ нејзините зборови ечеа низ воздухот. Се засилуваа со секој нејзин чекор подалеку од него.

Денови подоцна, навистина почнаа да цртаат нови кругови. Месеци подоцна тој се уште не и напиша ништо, и никогаш нема да и напише. Ќе и кажеше таа вечер, но таа прерано си замина. Ќе и кажеше дека секогаш ќе има кому да му напише, секогаш ќе има некој кој ќе го чита. Но не и кажа дека нема ЗА кого да пишува...немаше а изгледа веќе нема ниту да има некоја што ќе го инспирира, да седне да поарчи дузина часови со мислите, мастилото и хартиите. Години подоцна кога и двајцата сменија неколку круга, одвреме навреме ќе погледнеа кон небото. Секој под своето парче црн чаршаф. Ќе ги погледнеа разиграните ѕвезди и ќе се потсетеа на потрошените денови и ноќи, што заеднички, што засебнии. Да, сепак после се, небото беше се што имаа.  



Sunday, April 21, 2013

Снежана Стојчевска


Мразот го кршиме со Снежнобела, т.е. Снежана Стојчевска



Снежана Стојчевска е родена во Скопје 1980 година. Во 2004 година дипломира на катедрата Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје.
Со пишување на поезија започна на својот блог sneznobela.blog.mk каде сѐ уште објавува. Има настапувано на повеќе поетски читања помеѓу кои Поетри Слем во КЦ и МКЦ, „Ноќ без Интерпукции“ на Струшките Вечери на Поезијата (2011), како и на поетскиот фестивал „Песнило“ (2011) во МКЦ. Се јавува како главен организатор и учесник на поетските читања „Дружење“ во Галерија 7, „Wake up poetry reading“ во Ла Кања, „Свирачиња “во Менада(2013). Соработник е на радио емисијата за поезија „Песни приказни и сон“(до сега позната како Свирачиња ) на канал 103, за која од почетокот на 2012 година го води блогот http://pesniprikazniison.blog.mk/ и миксклауд каналот mixcloud.com/svirachinja/ каде ги најавува и објавува радио емисиите. Во октомври 2012 година го организира и учествува на Книжевниот креативниот викенд во Лазарополе „Кратки книжевни форми“ на кој учествуваа петнаесеетина млади поети.

„Шеќер по подот“ (2012) во издание на издавачката куќа ИЛИ ИЛИ е нејзина прва збирка поезија која е дел од едицијата Русалки. Застапена е во антологиите „Антологија на македноската авангардна поезија“ (2012) во издание на издавачката куќа Феникс; „Лирски додекамерон“ (2012) во издание на СВП и во антологијата и „Планета Скопје„ (2012) исто така во издание на издавачката куќа Феникс. Повеќе пати е објавувана во електронскиот магазин за алтернативни уметности „Чивилук“ и во студенскиот магазин „Ш“ како и на сајтовите zenica.mk, diversity.org.mk и др. Во подготовка е нејзината втора стихозбирка насловена како „Мори фантазии врз перничето за печати“.

Од Снежана повеќе може да прочитате на следниве линкови:

http://duvlo.mk/talkachi/teatar/





Курбан
Му се предаде како жртвено јагне
му дозволи да ја врзе...
Неколкупати премотувајќи го јажето
околу нејзините нежни, кревки зглобови
Тој, врза јазол.
Ја насука…
Ја освои…
Ја скотви…
Неговите неба беа нејзини брегови
камо да можеше да ги допре до дното.
Немаше каде да му бега,
не ни сакаше
беше сосема свесна
таа самата се врза за него
многу денови пред тој да посегне
по јажето.



Принцеза
Како принцеза на зрно грашок
немирно спиев.
Се разбудив со болка во грбот.
Под душекот заглавен збор,
Штрчи.



Зимска љубовна
Моите дланки суви се.
Повторно го љубеле ветрот,
без заштита.




Saturday, April 20, 2013

Викенд што не се паѓа за викенд


Што се случува:
На еден викенд, што не се паѓа во викенд, се собираат петнаесеттина млади уметници да го прават она во што највеќе уживаат: да јадат, да пијат, да пишуваат, цртаат, снимаат, сликаат, свират, пејат и да шират позитивна енергија.

Зошто Лазарополе?
Сите што веќе еднаш биле, знаат. Оние кои не биле, мора да дојдат и самите да видат.

Кој учествува?
Во следните постови ќе бидат претставени сите учесници.

Што е целта?
Целта е да се создаде еден некомерцијален туристички водич за млади за Лазарополе. Во него ќе бидат претставени сите дела кои биле создадени за време на креативниот викенд, а биле инспирирани од самото место.

Примате ли падобранци?
Секако. Секој кој ќе се најде во периодот од 01-03 мај во Лазарополе, може слободно да дојде да не подружи, и да учествува во финалниот производ со своето дело. Всушност, секој кој што веќе бил во Лазарополе, своите импресии од местото ги искажал преку некој вид на уметност, и има желба да учествува во туристичкиот водич, може исто така да не контактира.