Sunday, April 21, 2013

Снежана Стојчевска


Мразот го кршиме со Снежнобела, т.е. Снежана Стојчевска



Снежана Стојчевска е родена во Скопје 1980 година. Во 2004 година дипломира на катедрата Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје.
Со пишување на поезија започна на својот блог sneznobela.blog.mk каде сѐ уште објавува. Има настапувано на повеќе поетски читања помеѓу кои Поетри Слем во КЦ и МКЦ, „Ноќ без Интерпукции“ на Струшките Вечери на Поезијата (2011), како и на поетскиот фестивал „Песнило“ (2011) во МКЦ. Се јавува како главен организатор и учесник на поетските читања „Дружење“ во Галерија 7, „Wake up poetry reading“ во Ла Кања, „Свирачиња “во Менада(2013). Соработник е на радио емисијата за поезија „Песни приказни и сон“(до сега позната како Свирачиња ) на канал 103, за која од почетокот на 2012 година го води блогот http://pesniprikazniison.blog.mk/ и миксклауд каналот mixcloud.com/svirachinja/ каде ги најавува и објавува радио емисиите. Во октомври 2012 година го организира и учествува на Книжевниот креативниот викенд во Лазарополе „Кратки книжевни форми“ на кој учествуваа петнаесеетина млади поети.

„Шеќер по подот“ (2012) во издание на издавачката куќа ИЛИ ИЛИ е нејзина прва збирка поезија која е дел од едицијата Русалки. Застапена е во антологиите „Антологија на македноската авангардна поезија“ (2012) во издание на издавачката куќа Феникс; „Лирски додекамерон“ (2012) во издание на СВП и во антологијата и „Планета Скопје„ (2012) исто така во издание на издавачката куќа Феникс. Повеќе пати е објавувана во електронскиот магазин за алтернативни уметности „Чивилук“ и во студенскиот магазин „Ш“ како и на сајтовите zenica.mk, diversity.org.mk и др. Во подготовка е нејзината втора стихозбирка насловена како „Мори фантазии врз перничето за печати“.

Од Снежана повеќе може да прочитате на следниве линкови:

http://duvlo.mk/talkachi/teatar/





Курбан
Му се предаде како жртвено јагне
му дозволи да ја врзе...
Неколкупати премотувајќи го јажето
околу нејзините нежни, кревки зглобови
Тој, врза јазол.
Ја насука…
Ја освои…
Ја скотви…
Неговите неба беа нејзини брегови
камо да можеше да ги допре до дното.
Немаше каде да му бега,
не ни сакаше
беше сосема свесна
таа самата се врза за него
многу денови пред тој да посегне
по јажето.



Принцеза
Како принцеза на зрно грашок
немирно спиев.
Се разбудив со болка во грбот.
Под душекот заглавен збор,
Штрчи.



Зимска љубовна
Моите дланки суви се.
Повторно го љубеле ветрот,
без заштита.




No comments:

Post a Comment