Thursday, April 25, 2013

Емилија и Наталија



Емилија Славковска се раѓа на 03.12.1992 година во Скопје, додека нејзината постара сестра, Наталија, има три ипол години. Иако на почетокот и е тешко да воспостави одличен однос со сестра и, таа секогаш има голема љубов кон неа. Наталија постојано големо влијание на животот на Емилија Славковска. Наталија е таа која и дава инспирација да се занимава со пеење, свирење на гитара и пијано.
Наталија, со својата прва книга “прва љубов на розевата улица” ја поттикнува Емилија да пишува поезија и раскази. Наталија отсекогаш ја поддржувала Емилија. Наталија ја носи Емилија надвор на пиење кога Емилија е во депресија.
Емилија исто така се занимава со театар во Отворена Сцена Театар Чекори, каде што Наталија редовно ги следи нејзините настапи. Емилија се сеќава после една претстава кога доби порака од Наталија која кажува “Искрено до сега мислев дека немаш талент и си губиш драгоцено време. Се извинувам, сум била во голема заблуда. Честитки ” и тоа ја мотивира Емилија уште повеќе да се посвети на театарот.
Како заклучок, Емилија има 20 години веќе и Наталија ќе ја носи во Лазарополе. Наталија е врховна божица на алкохолот, добриот провод и Емилија е горда што и е сестра.



Наталија Славковска се раѓа на 06.06.1989 година. Како постара сестра, животот и предава тешка лекција: мора да се научи на трпение, воздржаност и одговорност. Наталија не е добар ученик, и не успева да ја научи лекцијата.
Освен што мрази да пишува за себе во трето лице, Наталија исто така мрази да биде поставена за добар пример за другите, па така нејзината помала сестра, Емилија, го следи нејзиниот боемски стил на живот.
Во тој живот, успеала да издаде една книга, “Прва љубов во розевата улица”, која наскоро ќе го доживее и своето четврто издание, и е прогласена за лектира за седмо одделение, по избор на професорите во повеќето училишта во Скопје. И после толку години, сеуште не е сигурна што да одговори кога ја прашуваат што ја инпирирало да ја напише својата книга.
Сака да пие кафе и пиво, да јаде во мек доналдс и да пишува, моментално ги привршува своите магистерски студии по рурален туризам, и одбива да наполни повеќе од 23 години, бар додека не открие која и е омилена боја, и што сака да биде кога ќе порасне.
Доказ за влијанието од нејзината сестра Емилија, е тоа што Емилија сакаше да направат заеднично CV. Наталија не сакаше. CV то сепак е заедничко.




Емилија:

Процеп

Процеп низ твоите очи ќе беше доволен
Мала пукнатина
за да живееме среќни

(луѓето кои седат во смрдливи автобуси
се сомневам дека размислуваат за паралелни светови)

минатото не е за запоставување
минатото е за држење
имам доволно спомени за да ме држат две години

ги споредувам со маица
која мириса на тебе.
ја мирисам и спијам со неа и во неа
се додека еден ден
забележам дека веќе го изгубила мирисот

ги споредувам со
писмо
кое го препрочитувам неколку пати на ден
се додека не избледе пишаното
го читам, поминувам со прстите каде некогаш имало букви
ги мрморам зборовите научени
наизуст
зборовите научени наизуст..
погрешно, се разбира.

Минатото не е за заборавање, за држење е
Имам резерва добри спомени

Моменти поради кои сум живеела и живеам
Во овој раскалашен мрак, тмурни и роботски ликови
Овде каде
Најчистите се
со најголема тага во очите

И ти би сакал
Да заборавиш се.



                                                                

                                                                        Наталија:

                                                      Во недостиг на инспирација...

Инспирацијата исчезна со првото стресување на колената.
Испари една вечер, додека стуткана се греев во едни прегратки, во една ладна соба чиј покрив претекуваше.
Ја испив заедно со едно лошо и ефтино вино, после кое следуваше едно болно искрено -те сакам-.
Се скрши некаде, во едно комбе без седишта, со кое се возев два саати за да стигнам до Него.
Ми остана само бел, празен лист.
И милион генијални мисли изгравирани во мозокот, кои се плашат да бидат напишани, па ги туткам и кријам ко писмена по математика на која сум добила кец.
Викаат, не постои засекогаш.
Ако.
Не ми ни треба.
Јас си ги имам вчера, и денес.
На кого му е гајле за утре?






No comments:

Post a Comment